Пријава за учество на конкурс ,,Pro Social Values работилница“ за имплементација на позитивни општествени норми и вредности во образованието
БЛУЗАТА НА МАРКО, Биљана Настовски, ООУ „Благој Кирков“ – Велес, Подрачно училиште с. Караслари
Опис на активноста:
Како се чувствувате денеска?
На таблата лепам слики со лица на коишто се изразени различни емоции и ги поттикнувам да размислат како се чувствуваат лицата. Ги замолувам на нивните лица да го изразат своето расположение и да го препознаат моето расположение (во повеќе верзии). Покажете како ќе се чувствувате ако: ДОБИЕТЕ ПОДАРОК, ЈА ИГРАТЕ ОМИЛЕНАТА ИГРА НА ИГРАЛИШТЕ, ПАДНЕТЕ И ЈА ПОВРЕДИТЕ НОГАТА…
Следиме видео со краток анимиран филм „Подарокот“. Додека го следиме видеото, правам паузи за да дискутираме за емоциите коишто се појавуваат на лицето на Марко и за неговите постапки.
Дискусија на крајот од видеото: Го сменивте ли мислењето за Марко на крајот? Зошто Марко беше гневен? Што го натера Марко да го прифати подарокот (кученцето)?
Активност „Блузата на Марко“: им ја покажувам на учениците блузата на Марко и давам насоки за активност (секој ученик ќе добие можност да ја облече блузата на Марко, да се обиде да се чувствува како него и да ги искаже емоциите).
Како ти би му помогнал на Марко да се чувствува подобро?
РЕФЛЕКСИЈА: Што научивме денеска? Зошто е потребно да знаеме што чувствуваат другите? Кои чувства треба да преовладуваат во нашето секојдневие и зошто?
Рефлексија од примена на активноста во пракса:
Учениците го запознаа и го усвоија невербалниот начин на изразување емоции. Го сфатија значењето на поимот емпатија. Ученичка Ева: ,,Емпатијата ми треба за да чувствувам што чувствува Марко. Така добивам желба да му помогнам.“