ОБРАБОТКА НА ЛЕКТИРНО ДЕЛО

Пријава за учество на конкурс  ,,Pro Social Values работилница“ за имплементација на позитивни општествени норми и вредности  во образованието 

ОБРАБОТКА НА ЛЕКТИРНО ДЕЛО, ООУ ,,ДРАГА СТОЈАНОВСКА“ СОПИШТЕ, ЕЛЕНА КРСТЕВСКА 

 

Опис на  активноста:  

Реализацијата на целите за обработка на лектирно дело, не секогаш претставуваат голем мотив за учениците.  Употреба на забавни но едукативни  активности,  овозможува: унапредување на кретивноста, вештините за тимска работа, индивидуална посветеност, фер поделба на задолженија при работа во  групи, наоѓање решенија за унапредување на почетни идеи до изработка на конечен продукт кој совршено би промовирал производ, во случајов книга и читачки кутии.  Учениците  на овој начин  имаат прилика да вежбаат изразно и течно читање на глас, усно прераскажување, конструирање на целосни и правилни реченици,  како и целосна обработка на лектирното дело наместо како до сега делумно. 

Најнапред сите ученици добија задолжение да ја прочитаат целата лектира(при што не секој успеа да го направи тоа).На првиот час,  за почеток,  започнавме со разговор во насока -размена на првични вкупни впечатоци од прочитаната  книга. Разговаравме за содржините на расказите, како секоја приказна крие своја тајна и дава своја порака и поука од која може да научат нешто. Веќе следниот час,  ги подготвивме  ресурсите за работа – изработката на ,,живите  кутии,,.  Учениците кои не успеаја да ја прочитаат целата книга веќе почнаа да пројавуваат   заинтересираност за тоа  што се зборува во остатокот од лектирата( за да можат успешно да ги креираат ,,живите кутии,,). Поделени во групи учениците го препрочитуваа расказот ( некои го прераскажуваа во групата) и започнуваа да ги реализираат нивните креации, како го доживуваат расказот, да го ,,оживеат,, преку нивната креативност. Моделираа со тесто, со пластелин, сечеа , лепеа камчиња,школки,  додаваа по некоја играчка во завиосност од тоа што сакаа да претстават од нивното гледиште.Во меѓувреме на листови во боја ги запишуваа пораките и поуките кои ги извлекуваа од расказот, како заедничка порака од групата.  

По успешно завршената активност во сите тимови, сите заеднички ги закачивме на паното во училницата изработените  кутии за да ни ја красат и разубават  училницата и да не потсетуваат дека вредната и напорна работа и вложен труд носи убави плодови.  

Откако ги прикачивме кутиите за учениците имаше едно изненадување како награда за успешно спроведената активност . Им најавив дека ќе имаме посета и средба со авторката на книгата која ја обработувавме,  Јадранка Клисарова. Среќата и возбудата кај учениците беше очигледна во нивните очиња. Бидејќи учениците беа пресреќни за средбата со авторот,  заеднички се договоривме дека и ние ќе изработиме една наша книга за авторката за тоа како ние ги доживеавме приказните од нејзината книга. 

Секој од учениците одбра расказ кој што му оставил поголем впечаток. Требаше доживувањата да ги претстави преку илустрација а потоа да  запише порака што тој би ја дал на другите деца како инспирација од овој расказ. 

Средба со авторот.Учениците на почетокот беа позитивно возбудени и збунети. Се додека не се воспостави првиот контакт со аворот. Потоа заедно почнаа да разговараат за приказните  содржани во расказите. Поставуваа прашања, одговараа на поставените прашања од авторот. Низ училницата завладеа една топла и пријатна атмосфера. Сите се опуштија и слободно влегуваа во дијалози и разговори со неа.  

На крајот како благодарност до авторката за нејзината посета во нашето училиште , учениците  и ја подарија ,,Нашата книга,, Како ние ги доживеавме приказните и ликовите од Вашата книга ,  која тие самите ја изработија. 

Рефлексија од примена на активноста во пракса :   Внесувањето на децата во читачкиот свет значително влијае во унапредување на творечката креативност кај младата читачка публика и градење солидни основи за понатамошно самостојно литературно творештво.